ТАВ ГО ПРОМОВИРА ОХРИДСКИОТ АЕРОДРОМ ВО АЛБАНИЈА: РАЗГОВОРИ ЗА ВОВЕДУВАЊЕ АВТОБУСКА ЛИНИЈА ЗА ПАТНИЦИ ОД ЕЛБАСАН ДО ОХРИДСКИОТ АЕРОДРОМ
ТАВ Македонија, денеска во Елбасан, Албанија, ги претстави можностите за евтини патувања од Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид и Меѓународниот Аеродром Скопје за граѓаните на Албанија, на средба со локалните туристички агенции во овој град во централниот дел на Албанија.
Дополнително од промоцијата на мрежата на авиолинии на аеродромите во Скопје и Охрид, ТАВ Македонија денеска на туристичките агенции во регионот на Елбасан, им ја нагласи важноста од воспоставување на редовна автобуска линија од Елбасан до аеродромот во Охрид, бидејќи воведувањето на ваква редовна автобуска врска вистински ќе ја стави на располагање близината меѓу двата града, кои што се оддалечени 86km, или само на час и половина возење.
-Охридскиот аеродром е навистина близу до Елбасан, само 1,5 часа возење со автомобил, а сепак двата града немаат редовни автобуски линии. Албанија, особено Елбасан е во нашата гравитациска зона со голем потенцијал за Охридскиот аеродром. Следствено на тоа, евтините авионски линии од Охридскиот Аеродром и географската близина на двата града, можат да бидат искористени целосно, ако заеднички ги вложиме нашите напори за да ја постигнеме оваа цел. Затоа, денеска сме тука за да ги известиме локалните туристички агенции и албанската јавност, за придобивките што ќе ги почувствуваат ако го изберат охридскиот аеродром за нивните патувања, изјави Неџат Курт, Заменик генерален директор за операции во ТАВ Македонија, по средбата со локалните тур-оператори одржана во Елбасан, Албанија.
Како што истакнаа од ТАВ Македонија во Елбасан, Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид моментално има вкупно 18 дестинации, од кои 8 се редовни, а во исто време и ниско-буџетни авиолинии коишто сообраќаат во текот на целата година: Цирих, Базел, Виена, Лондон, Малме, Милано, Мемингем и Дортмунд. Другите 10 дестинации од охридскиот аеродром се сезонски, односно сообраќаат во периодот од април до октомври: Амстердам, Брисел, Истанбул, Талин, Тел Авив, Варшава, Ајндховен, Катовице, Мастрихт, Адана.
Авиокомпаниите кои моментално летаат од охридскиот аеродром се: Wizz Air, Edelweiss, Germania Flug, Pegasus, Onur Air, Corendon, Eurowings, Brussels Airlines, TUIFly, Nordica, Enter Air, LOT и Helvetic.
На почетокот на овој месец, охридскиот аеродром беше рангиран од страна на Меѓународниот Совет на Аеродроми (Airports Council International – ACI) меѓу првите 3 аеродроми во Европа, согласно високата стапка на пораст во бројот на патници во првиот квартал од 2019 година, која е 63,9%, што е значително повисока стапка од просекот во ЕУ којшто е 4,4%.
ТАВ Македонија денеска во Елбасан, ги информираше потенцијалните патници од Албанија, дека повеќе информации може да добијат ако ја посетат веб-страницата на охридскиот аеродром: http://ohd.airports.com.mk, каде можат да најдат контакт-броеви од аеродромот во Охрид и контакти од авиокомпаниите кои што летаат од Охрид, од каде пак можат да добијат информации во врска со авионските билети.
Покрај промоцијата на охридскиот аеродром, како најблиска точка од Елбасан, ТАВ Македонија денеска исто така ги промовираше и 42-те дестинации од Меѓународниот Аеродром Скопје, претставувајќи го огромниот развој што е постигнат на двата аеродрома во однос на порастот во бројот на патници во последниве 10 години, по влегувањето на ТАВ на македонскиот пазар.
ТАВ Македонија продолжува со порастот во бројот на патници во првите месеци од 2019 година. Од јануари до април 2019 година, вкупно 694.227 патници патувале преку двата аеродрома – Меѓународен Аеродром Скопје и Аеродром Св. Апостол Павле Охрид, што претставува пораст од 10% споредено со истиот период во 2018 година.
Компанијата ја заврши 2018 година со вкупно 2,3 милиони патници на двата аеродрома, со 16% годишен пораст.