ТАВ МАКЕДОНИЈА ГИ ПРЕЧЕКА ПРВИТЕ ХОЛАНДСКИ ТУРИСТИ НА ОХРИДСКИОТ АЕРОДРОМ

ТАВ МАКЕДОНИЈА ГИ ПРЕЧЕКА ПРВИТЕ ХОЛАНДСКИ ТУРИСТИ НА ОХРИДСКИОТ АЕРОДРОМ

Првиот туристички чартер-лет од Амстердам слета во Охрид утрово. Се очекува оваа летната сезона до октомври да бидат организирани 150 чартер-летови и Охрид да го посетат над 25.000 холандски туристи

Со воден мост во форма на виножито, традиционалната македонска закуска, како и торта за добредојде, ТАВ Македонија утрово на охридскиот аеродром ,,Свети Апостол Павле’’ ги пречека првите 180 туристи кои пристигнаа од Амстердам со чартер-летот на компанијата Корендон

Од ТАВ Македонија потенцираат дека се задоволни што чартер-летовите со холандски туристи продолжуваат и оваа летна сезона, шеста година по ред. 

-Пресреќни сме што денеска дојдоа нашите ценети туристи со летот на Корендон и што традицијата продолжува. Очекуваме ова лето Корендон да носи туристи од Холандија на почетокот со два лета неделно, а потоа во екот на сезоната, во јули и август, со три лета неделно кон Охрид. Овие чартер-летови, како и трите редовни линии од ,,Свети Апостол Павле’’ кон Базел, Лондон и Цирих, заедно со новата линија Охрид-Белград која следниот месец ќе ја воведе Ер Србија, како и чартер-летовите од Брисел кои ќе почнат оваа сезона со најголемиот европски тур-оператор Томас Кук и од Тел Авив со израелската авиокомпанија Аркиа, заедно со регуларните чартери на Аркефлајисто така од Холандија, ќе придонесат за заживување на охридскиот аеродром, поголем сообраќај, но и проширен и збогатен прилив на туристи во Охрид. Оние што повторно доаѓаат во Охрид добро ги познаваат неговите убавини, а оние што денеска прв пат стапнуваат на македонско тло веруваме дека ќе се воодушеват од природата и културните знаменитости на македонскиот туристички бисер. За сето ова, сакаме да им се заблагодариме за добрата соработка на локалните власти – Општина Охрид, како и на Фибула,

домашната компанија што ги организира чартерите со ,,Корендон’’, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.        

Чартер-летовите на релација Амстердам-Охрид-Амстердам, почнаа денеска и ќе траат  до седми октомври. На почетокот Корендон  ќе лета два пати неделно до Охрид, во вторник и во петок, додека во најголемиот ек на сезоната – во јули и август, компанијата ќе додаде уште по еден лет во истите денови од неделата, со што на оваа релација ќе сообраќа четири пати неделно.  

Од ТАВ Македонија велат дека летово во Охрид, преку чартер-летовите на Корендон  и Аркефлај кои почнуваат во мај и ќе траат до октомври, може да се очекуваат над 25.000 туристи од Холандија. Во овој период, од двете компании заедно, се очекува во Охрид да долетаат над 150 авиони полни со холандски туристи. 

Лани во периодот мај-октомври преку ,,Свети Апостол Павле’’ во Охрид биле превезени над 80 илјади патници. 

Од аеродромскиот оператор очекуваат натамошно зголемување на сообраќајот на ,,Свети Апостол Павле’’ во текот на оваа летна сезона, како резултат на воведувањето на новата линија Охрид-Белград, на авиокомпанијата Ер Србија, но и на воведувањето на чартер-летовите на Томас Кук од Брисел, и на Аркиа од Израел. 

ТАВ Македонија ја заврши 2015 година со 22% пораст на вкупниот број на патници на двата македонски аеродроми – скопскиот ,,Александар Велики’’ и охридскиот ,,Свети Апостол Павле’’, достигнувајќи 1.560.381 патници. Истовремено, вкупниот број на операции порасна 11%, достигнувајќи 15.510. 

Трендот на зголемен сообраќај продолжи и годинава. Во првите три месеци од 2016 година преку двата македонски аеродроми биле превезени 344.267 патници, што е пораст од 28% споредено со истиот период во 2015 година. Во исто време, бројот на операции (полетувања и слетувања) на двата аеродроми е зголемен за 15%.