Неџат Курт назначен за Генерален директор на ТАВ Македонија
Метин Батак, кој беше Генерален директор на ТАВ Македонија од октомври 2020 година, сега е назначен за член на Извршниот одбор на ТАВ Тунис
ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, го назначи Неџат Курт за нов Генерален директор, од 1-ви мај 2023 година. Метин Батак ја напушта позицијата на Генерален директор и ќе биде назначен за член на Извршниот одбор на компанијата ТАВ Тунис, која што управува со аеродромите Енфида Хамамет и Монастир. „За време на мојот мандат во ТАВ Македонија, заедно со целиот менаџерски тим, постигнавме огромен успех со тројно зголемување на бројот на патници на двата македонски аеродрома, во периодот од 2010 до 2019 година. Со појавувањето на кризата со Ковид-19, требаше да се справиме со некои од најголемите предизвици во воздухопловството што негативно се одразија врз двата македонски аеродрома – Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле во Охрид. Заедно со нашиот исклучителен тим на вработени, моите колеги менаџери, како и во тесна соработка со нашите засегнати страни, го водевме закрепнувањето на македонскиот патнички авиосообраќај што почна во 2022 година. И покрај сите пречки во авиосообраќајот, нашиот персонал и натаму обезбедуваше одлично патничко искуство, па затоа и ја добивме ASQ-наградата за квалитет на аеродромските услуги за скопскиот аеродром за 2022 и 2021 година. Уверен сум дека закрепнувањето на патничкиот сообраќај на аеродромите во Скопје и Охрид ќе продолжи и тоа ќе придонесе за економскиот развој на земјата“, изјави Метин Батак.
„Би сакал да изразам благодарност до мојот колега Метин Батак за неговиот ценет придонес во раководењето во изминативе години. И двајцата работиме на македонскиот пазар уште од самото влегување на ТАВ, а на највисоките менаџерски позиции дојдовме пред пандемијата со ковид-19. Така, заеднички ги водевме скопскиот и охридскиот аеродром среде најголемата „бура“ за воздухопловството – кризата со Ковид-19. Тесно соработувавме и се справивме со секој предизвик, вложувајќи ги нашите најдобри напори за закрепнување на патничкиот сообраќај, одржувајќи ја мотивацијата на вработените на високо ниво за да го одржиме нашиот бизнис-модел. Сега, додека се движиме по позитивниот бран на пораст на патничкиот сообраќај, моите колеги и јас ќе вложиме максимални напори за да продолжи овој тренд, особено сега по пост-пандемскиот период на промени. Како никогаш досега, фокусирани сме да продолжиме да го поддржуваме, подобруваме и да даваме приоритет на искуството на патниците од нашите двата аеродрома додека гледаме во иднината и ги дефинираме нашите цели коишто сакаме да ги постигнеме. И натаму ќе ги развиваме аеродромите во Скопје и Охрид, претворајќи ги во центри на Балканот. Со нашите лични долгогодишни искуства во управувањето со аеродромите и знаењата и вештините на меѓународно ниво на нашата матична компанија – ТАВ Аеродроми, ќе ги следиме светските авијациски трендови, ќе водиме нови проекти и ќе продолжиме да им служиме на нашите клиенти на најдобар можен начин“, изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Неџат Курт работи во воздухопловниот сектор 23 години, а уште од влезот на ТАВ на македонскиот пазар е дел од високиот менаџмент на ТАВ Македонија. Во 2008 година беше назначен од страна на ТАВ Аеродроми како еден од менаџерите кои го водеа проектот за концесија во Македонија. Тој работеше на скопскиот аеродром 2 години, а во 2010 година беше назначен за менаџер на Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид. По 2 години, во 2012 година беше назначен за менаџер на скопскиот аеродром и управуваше со целокупните аеродромски операции во македонскиот главен град. Во 2014 година, ТАВ Аеродроми го назначи Курт за Координатор за транзиција на меѓународниот аеродром Принц Мохамед Бин Абдулазиз во Медина, Саудиска Арабија. Таму тој ја организираше транзицијата од стар во нов аеродромски терминал. Меѓународниот аеродром Принц Мохамед Бин Абдулазиз во Медина, Саудиска Арабија е првиот приватизиран аеродром во Саудиска Арабија. Во 2016 година, Курт беше назначен за Координатор за ORAT односно Координатор за оперативна подготвеност и аеродромски трансфер во терминал и во јавна зона на аеродромот во Загреб во Хрватска. Тој работеше заедно со француската Групација АДП (ADP Group), за да обезбеди успешна транзиција и работа на аеродромот, додека не заврши изградбата на новата терминална зграда на аеродромот во Загреб и новиот терминал беше пуштен во функција во 2017 година. Во август 2017 година, Курт беше назначен за Координатор за аеродромски операции на 3 аеродроми кои се преземени под концесија од Кралството Саудиска Арабија од страна на ТАВ Аеродроми, по што следи улогата на Претседател на Комитетот одговорен за аеродромска дигитализација на аеродромот во Медина во 2018 година. Кон крајот на 2018 година, Курт се врати во Македонија, како Координатор за аеродромски операции, одговорен за целокупното оперативно работење на аеродромите во Скопје и Охрид.
Во првиот квартал од 2019 година, Курт беше назначен за Заменик генерален директор за операции на ТАВ Македонија. Неџат Курт е Турчин по потекло кој е роден и израснал во Германија. По завршувањето на средното образование, тој го продолжил своето високо образование на студиите за туризам и хотелски менаџмент на Универзитетот Текирдаг во Турција. Дипломирал политички науки и дипломатија на Американскиот универзитет на Европа во Скопје. Моментално, Курт посетува МБА студии по авијациски менаџмент на Универзитет Дунав во Кремс, Австрија. Тој е дипломиран професионалец за управување со аеродроми и е носител на титулата Професионалец за аеродромски операции (IAP – Airport Operations Professional) одобрена од ICAO – Меѓународната организација за цивилно воздухопловство и од ACI – Меѓународниот совет на аеродроми.
Покрај турскиот, како негов мајчин јазик, Курт течно зборува англиски и германски јазик.
ТАВ Македонија, аеродромскиот оператор на Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, ги заврши првите четири месеци од 2023 година, јануари – април, со 753.377 патници на двата македонски аеродрома, што е зголемување за 44% во однос на истиот период во 2022 година, a 8% во однос на 2019 година која се смета за реферетна. Во исто време, бројот на летови на двата аеродрома изнесува 6.010, со годишен пораст од 35% и 4% во однос на 2019 година.