НА СВЕТИ АПОСТОЛ ПАВЛЕ: ОТВОРЕНА АВИОЛИНИЈАТА БЕЛГРАД-ОХРИД СО ЕР СРБИЈА
Ер Србија, националната авиокомпанија на Република Србија и ТАВ Македонија, компанијата која оперира со македонските аеродроми, денеска на охридскиот аеродром Свети Апостол Павле ја пуштија новата линија Белград-Охрид-Белград, свечено прославувајќи го проширувањето на мрежата на српската авиокомпанија во Македонија.
Првиот лет до Охрид, градот распослан на брегот на недопреното езеро со исто име, полета од Белград во 13:25 часот и слета на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во 14:25 часот, каде што беше пречекан со воден мост.
Во воздухопловот имаше група претставници на авиокомпанијата предводена од страна на Мајкл Јоултен, генерален директор за услуги на Ер Србија, која што беше топло пречекана од делегација за туризам и владини претставници.
-Охрид, со своето живописно езеро, водените спортови, рибарење и пловење со брод, е фантастично дополнување на нашата мрежа на летови и популарна атракција за летувалците. Градот ги привлекува туристите од цела југоисточна Европа, кои што сега можат да ги искористат погодностите на нашите летови за поврзување преку Белград за да ги искусат многуте атракции. Знаеме дека авионските патници се радуваат на нашата услуга до Охрид и дека се возбудени да го направат овој град, за кој што се вели дека има 365 цркви, една за секој ден од годината, подостапен. Туризмот е од суштинско значење за нашиот раст како авиокомпанија, затоа ние ќе продолжиме да правиме процена на можностите за воспоставување на авионски услуги до летните најатрактивни дестинации, изјави Дане Кондиќ, главниот извршен директор на Ер Србија.
Новиот лет ќе оперира во понеделник, среда и петок со воздухоплов од серијата ATR 72 – турбопропелер со 66 седишта, во почетокот во периодот јуни-септември.
-Среќни сме што после 3 години пауза, летовите на Ер Србија Белград-Охрид-Белград повторно се воспоставуваат, за почеток во текот на летниот период, 3 пати неделно, во понеделник, среда и петок. Оваа линија ќе го зголеми интересот за побрзо и покомотно доаѓање на туристите од соседна Србија, со оглед на нивниот интерес за природните убавини, историјата, културата и традицијата на Охрид. Оваа линија ќе биде олеснување и за нашите кои живеат во САД и прекуокеанските земји, преку нововоспоставената линија Белград-Њујорк, за да можат полесно и побрзо да доаѓаат во родниот крај. Се надеваме дека отворањето на оваа рута, заедно со редовната линија Скопје-Белград, ќе биде поттик за збогатување на добрата соработка меѓу ТАВ Македонија, како аеродромски оператор и Ер Србија, како авиокомпанија, изјави Зоран Крстевски, генерален директор на ТАВ Македонија.
Охрид е лоциран на северно-западниот брег на Охридското езеро, едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа, со повеќе од 200 ендемични видови. Езерото беше прогласено за Светско наследство на УНЕСКО во 1979 година и привлекува илјадници туристи секоја година.
Покрај летовите до Охрид, Ер Србија оперира на дневна основа до Скопје, главниот град на Македонија и нејзиниот културен и економски центар.
Со оваа нова линија Белград-Охрид, воспоставените чартер летови од Тел Авив, и со новиот чартер-лет Брисел-Охрид, кои наскоро ќе почнат од Св. Апостол Павле, како и со редовните летни чартер-летови од Амстердам и трите редовни линии кон Лондон, Базел и Цирих, аеродромскиот оператор очекува заживување на Св. Апостол Павле, односно зголемен сообраќај кој ќе придонесе и повеќе туристи да го посетуваат Охрид, но и повеќе граѓани од охридско-струшкиот регион и пошироката околина на југозападна Македонија да летаат во странство.
Охридскиот аеродром Св. Апостол Павле минатиот месец од страна на ACI Europe (Airports Council International – Europe) беше прогласен за втор најбрзорастечки мал аеродром во Европа во првиот квартал од 2016 година, со пораст на бројот на патници од 173,9%.
ТАВ Македонија ја заврши 2015 година со 22% пораст на вкупниот број на патници на двата македонски аеродроми – скопскиот ,,Александар Велики’’ и охридскиот ,,Свети Апостол Павле’’, достигнувајќи 1.560.381 патници. Истовремено, вкупниот број на операции порасна 11%, достигнувајќи 15.510.
Трендот на зголемен сообраќај продолжи и годинава. Во првите пет месеци од 2016 година преку двата македонски аеродроми биле превезени 648.745 патници, што е пораст од 28% споредено со истиот период во 2015 година. Во исто време, бројот на операции (полетувања и слетувања) на двата аеродроми е зголемен за 16%.