УЧЕСТВО НА ВТОРИОТ МЕЃУНАРОДЕН САЕМ ЗА ТУРИЗАМ ВО ОХРИД 16 Јануари 2009 година Од 17-ти до 20-ти Јануари 2009 година во Охрид ќе се одржи Вториот меѓународен саем за туризам, на кој своето учество го пријави и Аеродром „Св. Апостол Павле“ Охрид. Саемот за туризам, единствен од таков вид во Република Македонија, ќе се одржи во организација на Агенцијата за промоција и развој на туризмот во Република Македонија, во соработка со Балканската алијанса на хотелски асоцијации, Хотелската асоцијација на Македонија и Скопски саем, под покровителство на Премиерот на Владата на Република Македонија. Целта на организирањето на оваа манифестација е меѓународна промоција на Република Македонија како туристичка дестинација. Во рамките на саемот е предвидено одржување на неколку пропратни манифестации, кои се однесуваат на македонските вина, еко-храната и занаетите. Исто така, во рамките на саемот е предвидено и одржување на Форум за туризам, со организирање на неколку стручни тематски работилници. На саемот се очекува да земат учество голем број домашни и странски тур-оператори, воздушни превозници, туристички асоцијации и агенции и други фирми од сферата на туризмот, хотелиерството, угостителството, транспортот, здравството и здравствената рехабилитација, винарството, прехрамбената индустрија, занаетчиството и други услужни дејности.
Учеството на саемот претставува добра можност за охридскиот аеродром да се промовира како „пријателски туристички аеродром“, кој го стимулира развојот на туризмот во сопственото опслужно подрачје, со промоција на ефтини, прифатливи и квалитетни аеродромски услуги за воздушните превозници со организирани чартер туристички летови. |