ЈУБИЛЕЈОТ 55 ГОДИНИ АЕРОДРОМ ОХРИД ОДБЕЛЕЖАН СО ГОЛЕМ АЕРОМИТИНГ 5 Јули 2008 година На 5-ти Јули 2008 година се навршија 55 години од првиот комерцијален лет на охридскиот аеродром. По тој повод на аеродромот беа организирани низа промотивни активности, со кои се одбележа овој значаен јубилеј. Беше промовирана Монографијата „55 години Аеродром Охрид“ од м-р Томислав Тунтев, беше поставена изложба на фотографии со кои се илустрира 55 годишниот развој на охридскиот аеродром, беше приреден свечен коктел за поканетите гости, а со почеток во 13:00 часот се одржа двочасовен аеромитинг. На аеромитингот, кој се одржа во организација на Воздухопловната федерација на Македонија, своите вештини ги презентираа вкупно 65 пилоти, падобранци, параглајдеристи и моделари од сите аероклубови и специјалните воздухопловни единици во државата. Големиот број посетители на аеродромот имаа можност да ги видат бројните летови на 12 моторни авиони од ултрaлесната и општата авијација, 1 безмоторен авион, 3 хеликоптери, мноштво радио-командувани модели, неколку обични и моторизирани параглајдери и преку 30 скокови со падобрани. Аеромитингот, кој се одржа под покровителство на ЈПАУ „Македонија“ - Скопје, побуди голем интерес кај охридската и пошироката јавност, затоа што беше прва манифестација од таков вид, организирана на охридскиот аеродром по повеќе од 25 години. |